Жени во Собрание – ПРЕМИЕРА 28.12.2022

Времетраење: 1 час и 30 минути

(По мотиви на Аристофан, во препев од проф. д-р Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска и актерската екипа)

Режија: Ќендрим Ријани

Драматург: Билјана Крајчевска

Сценограф: Сергеј Светозарев

Костимограф: Ивана Каранфиловска Угуровска

Кореограф: Олга Панго

Музичка изведба: Јетмир Мехмеди

Автор на плакат: Медина Хоџа

Инспициент: Нурјамет Рушити

Суфлер: Зорица Манаскова

ИГРААТ: Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска, Ангела Стојановска.

Колку и да се чини банално денес да се разговара за позицијата на жената во власта, од друга страна постои неопходност постојано да се зборува за тоа, како и за позицијата на жената во сите општествено-политички сфери, што се наметнува како тема која е прашање на родот, односно на полот и на неговата сила.

Зошто тргнавме од Аристофан, 400 и кусур години пр.н.е.?

Во процесот на создавањето на оваа претстава со актерките – текстот излегува директно од нив, провоциран од Аристофановиот изворник, во препев од проф. д-р Валериј Софрониевски, и во соработка со драматургот, се раѓаат автентични текстови кои понатаму создаваат различни ликови и односи во претставата.

Знаеме дека античките жени немале формална политичка моќ и права, а доколку имало такви – завршувале трагично (Клитемнестра, Медеја, итн.). Еден од малкуте примери каде што имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женска моќ е комедијата на Аристофан „Жени во Народно собрание“. 

Комедијата ја претставува самоиницијативата на жените да ја преземат политичката и државната власт, поткрепена со теоријата на Праксагора дека владејачкиот сталеж не треба да има приватен имот (карикирано од Платоновата „Држава“). Така, жените преправени во мажи влегуваат во атинското собрание, придобиваат неколку мажи на своја страна и воведуваат своевидна „социјалистичка влада“ која се грижи за рамноправноста на атинските граѓани – до таа мера што одлучуваат „кој маж со која и каква жена треба да спие“.

Во современ контекст: „Немаме урнек за тоа како треба да изгледа моќна жена, освен дека треба да изгледа некако како маж. Правилата подразбираат често носење панталони и продлабочување на тонот на гласот – да се направи жената да изгледа повеќе како маж. И така да се вклопи во сликата за моќ (Л. Ф. – Медуза)“

Затоа си зедовме за право да создадеме претстава со гротескни слики кои произлегуваат од секојдневието и, всушност, го предизвикуваат: од позиција на моќ до колективна и лична неодговорност, од филозофија и политика до литература и уметност, до „едноставната“ позиција на жената во семејството  и да раскажеме приказни за уште многу други работи.

 

Билјана Крајчевска, драматург