Време: 12 часот
Место: „Бистро Комедија“
Промотор: Дарко Спасов, уредник
Театар Комедија ја заокружува својата исклучително успешна година со објавување на книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски, во превод на Наташа Атанасова. Македонското издание содржи два есеја, „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“, и предговор од театрологот Деспина Ангеловска, а се заснова на зборникот „Etika: Umetnost glumca i reditelja” (Белград, 1996), приреден од Радослав Лазиќ.
Константин Станиславски (1863 − 1938) е руски актер, режисер и педагог, основач на Московскиот уметнички театар во 1898 година. Тој е најпознат по развивањето на теоријата на глумата, позната и како Системот на Станиславски. Според Станиславски, театарот е уметност од општествено значење. Тој верувал дека театарот има силно влијание врз луѓето и дека глумецот мора да служи како народен просветител.
Станиславски сметал дека прашањето за етиката и моралот претставува многу важно начело на театарското уметничко творење. Моралниот чин на поединецот во сложениот театарски организам, личноста во ансамблот, нејзината задача и нејзината улога во битието на театарот, претставуваат суштински вредности во есеите „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“.
Книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ е некомерцијална и не може да се најде во слободна продажба.