директор
Дарко Спасов
Премиери
43
Фестивали
Организатор на традиционалниот фестивал "Гола Месечина"
Tеатар Комедија
Театар Комедија како национална институција е формиран во ноември 2011 година, а своето официјално отворање го означи со премиерното прикажување на претставата „Ах, љубов моја“, во режија на Коле Ангеловски, и тоа на Светскиот ден на театарот – 27 март, 2012 година. Од основањето па до 2014 година, кога „се всели“ во зградата на некогашниот Театар Центар, ја користеше сцената на Драмски театар – Скопје.
Театар Комедија е жанровски определен театар, кој ги негува сите подвидови на комедијата и на својот репертоар вбројува праизведби од македонски автори, комедии од класиците на светската книжевност и современи комедии од светската драматургија. Иако станува збор за најмладата национална театарска институција во Македонија, Театар Комедија многу брзо успеа да се постави и како сериозна и успешна театарска институција, која се издвојува од останатите по бројот на премиери и изиграни претстави, по бројот на гостувања и учества на фестивали во земјава и во странство, како и по бројот на освоени награди на национални и интернационални фестивали.
Награди и признанија
Театар Комедија има освоено повеќе награди и признанија: награда за најдобар млад актер, награда за костимографија и награда за музика за претставата „Женидба“ на националниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2023 година, како и награда за најдобар млад актер во претставата „Хамлет во пикантен сос“ на истиот фестивал следната година. Претставата „Ах, љубов моја“ се врати со три награди (за актер на вечерта, најдобра режија и за најдобра продукција) од фестивалот „Мостарска лиска“ во Мостар.
На Фестивалот за античка драма „Стоби“ во 2014 година со претставата „Многу врева за ништо“ Театар Комедија ги доби наградите за најдобра машка и за најдобра женска улога, како и наградата за најдобра режија, а во 2015 и 2016 година Театар Комедија со претставите „Лисистрата“ и „Случајот Хармс“ учествуваше на фестивалот „Денови на сатирата“ во Загреб, од каде што се врати со награда за најдобар млад актер – карактерна комика, како и со посебна пофалница за лудистичка, енергична и колективна игра. На регионалниот фестивал на комедијата во Сараево – „Насмевка на Сараево“ во 2017 година Театар Комедија освои две награди: награда за најдобра претстава за претставата „Име“, како и награда за најдобра машка улога во истата претстава.
Комедијата „Трудна приказна“ на националниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2017 година се закити со наградата за најдобра претстава во целина, награда за текст, награда за главна женска улога, награда за машка епизодна улога и награда за женска епизодна улога. На Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“, НЕТА во 2019 година,е освоена Наградата на НЕТА за експресивно актерско остварување за улогата Смирнов во претставата „Мечка“. Во 2019 година претставата „Мечка“ во режија на Димче Николовски се закити и со наградата за најдобра претстава на Фестивалот „Македонско културно лето“ во Мала Преспа, Албанија.
На 54. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во 2019 година, наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ му беше доделена на Тони Денковски за улогата ГОРНИОТ во претставата „На отворено“ (Мрожек, режија: Андреј Цветановски) во изведба на Тетатар Комедија. Во рамките на ова издание на Фестивалот, претставата „На отворено“ се закити и со наградата за најдобра музика, компонирана од Димитар Андоновски.
На 15. издание на фестивалот „Македонско културно лето“, одржан во јуни 2022 година во Пустец, Р. Албанија, актерката Жаклина Петровска ја освои наградата Најдобра млада актерка, за улогите на Марта, Цеце, Жаклина и Елена во претставата „Анатомија на неверството“ (В. Красногоров, режија: Александра Кардалевска) во изведба на Театар Комедија.
На Интернационалниот фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев“, одржан од 5 до 9 септември 2022 година во Неготино, актерот Тони Денковски ја освои Наградата за најдобра машка улога – „за впечатлива актерска експресија со која создава поинаква сценска и драмска атмосфера за секој толкуван лик“ за улогите на Тони, Цобе, Петар и Драган во претставата „Анатомија на неверството“ (В. Красногоров, режија: Александра Кардалевска), која Театар Комедија ја одигра во рамките на втората фестивалска вечер.
На 26. издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, одржано во март 2023 година, добитник на наградата за најпопуларна претстава на годината е „Илуминати“ на Театар Комедија, работена според филмот „39 скалила“ на Хичкок, а во режија на Синиша Евтимов. Во претставата играат Тино Костадиновски, Атанас Атанасовски, Сергеј Димовски и Наталија Теодосиева.
На 20. издание на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“, одржан во октомври 2023 година, специјалната награда за оригинално драматуршко толкување и авторство ја доби Билјана Крајчевска за „Жени во собрание“ во режија на Ќендрим Ријани, а во продукција на Театар Комедија.
На 26. МТФ „Денови на комедијата“, одржан во октомври 2023 година во Куманово, Наградата за најдобра актерка ѝ беше доделена на Наталија Теодосиева за улогите на Мис Стоун, Мелита и Делфина во претставата „Илуминати“ (режија: Синиша Евтимов) на Театар Комедија.
На 27. издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, 2024 година: добитник на наградата за најпопуларна претстава на годината е „Ало! Ало!“ на Театар Комедија, а во режија на Синиша Евтимов; добитник на наградата најпопуларна актерка е Наталија Теодосиева и добитник на наградата за најпопуларен млад актер е Сергеј Димовски. Ова е четврта претстава од репертоарот на Театар Комедија што е наградена како најпопуларна на „Златна бубамара“ – во режија на Синиш Евтимов (по „Стјуардеси“ „Вардарски пастуви“ и „Илуминати“).
На 27. издание на МТФ ,,Денови на комедија“, кој годинава се одржа од 24 септември до 9 октомври во Куманово, претставата ,,Пар распар“ на Театар Комедија ја доби наградата за најдобра претстава на Фестивалот. Според жири-комисијата на Фестивалот, во состав Александар Ивановски, претседател, и членовите Катерина Момева, Петар Андоновски, Ева Камчевска и Стефан Јакимовски, наградата за најдобра претстава се доделува на ,,Пар распар“ за концизност во изразот, доследност во драмската нарација, компактност во театарската игра, вештина во хуморот, драмската иронија и севкупноста во толкувањето на различните аспекти на зададените теми што беа третирани во комедијата, со што претставата предизвика силна интеракција кај кумановската публика. Претставата ,,Пар распар“ премиерно беше прикажана на 27 март како прва премиера во Театар Комедија годинава. Режисерка на претставата е Нина Николиќ, а играат: Тино Костадиновски, Атанас Атанасовски, Григор Јовановски, Тони Денковски, Сергеј Димовски/Јаков Спасов, Виктор Арсов, Жаклина Петровска и Маја Љутков.
Репертоар од почетоците до денес
- „Ах, љубов моја“ – автор и режисер: Коле Ангеловски;
- „За секого има по една“ – Венко Андоновски, режија: Владлен Александров;
- „Женидба“ – Н. В. Гогољ, режија: Дејан Пројковски;
- „Лет над кандидатското гнездо“ – Блаже Миневски, режија: Андреј Цветановски;
- „Хамлет во пикантен сос“ – Алдо Николај, режија: Александра Кардалевска;
- „Стјуардеси“ – Марк Камолети, режија: Синиша Евтимов;
- „Важно е да се викаш Ернест“ – Оскар Вајлд, режија: Ирена Стеријовска;
- „Многу врева за ништо“ – В. Шекспир, режија: Дејан Пројковски;
- „Чувството на брадата“ – Ксенија Драгунска, режија: Борис Лијешевиќ;
- „Лисистрата“ – Аристофан, режија: Наташа Поплавска;
- „Нешто пропуштаме“ – Горјан Милошевски, режија: Бојан Трифуновски;
- „Име“ – Александар де ла Пателие и Метју Делапорт, режија: Нени Делместре;
- „Господарот на кукавицата“ – Венко Андоновски, режија: Андреј Цветановски;
- „Вардарски пастуви“ – адаптација и режија: Синиша Евтимов;
- „Случајот Хармс“ – режија: Дино Мустафиќ;
- „Трудна приказна“ – Благица Секулоска, режија: Лидија Дедовиќ;
- „Сон на летната ноќ“ – Вилијам Шекспир, режија: авторски проект на Театар Комедија;
- „Дони Дарк“ – режија: Роберт Ристов;
- „Мечка“ – А. П. Чехов, режија: Димче Николовски,
- „Бракот е брак“ – според „Просидба“ од А. П. Чехов, режија: Теа Беговска; ,
- „Жена ми се вика Борис“ – Рафи Шарт, режија: Синиша Евтимов;
- „Не сега, драга“ – Реј Куни, режија: Коле Ангеловски;
- „Мизантроп“ – Молиер, режија: Ана Вукотиќ;
- „Викенд на мртовци“ – Миле Попоски, режија: Ѓорѓи Ризески;
- „Нема да платам“ – Дарио Фо; режија: Александра Кардалевска;
- „На отворено“ – С. Мрожек, режија: Андреј Цветановски;
- „Жени пред нервен слом“ – Педро Алмодовар, режија: Иван Лео Лемо;
- „Боливуд“ – Маја Пелевиќ, режија: Наташа Поплавска;
- „Вечера за глупаци“ – Ф. Вебер, режија: Ирена Стеријовска;
- „Човек, ѕвер и доблест“ – Луиџи Пирандело, режија: Егон Савин.
- “Грдиот” – Мариус Вон Мајенбург, режија: Ирена Стеријовска;
- “Анатомија на неверството” – Валентин Красногоров, режија: Александра Кардалевска;
- “Клетвата на Скотје” – Режија: Синиша Евтимов;
- “Женска Гардероба” – Арношт Голдфлам, Режиja: Наташа Поплавска;
- “Илуминати” – според култниот филм на Хичкок, ,,39 скали“, Режија: Синиша Евтимов;
- “Жени во Собрание” – По мотиви на Аристофан, Режија: Ќендрим Ријани
- “Веќе не е ни смешно” – Режија: Срѓан Јаниќијевиќ;
- “Ревизор” – Николај Василевич Гогољ; Режија и адаптација: Андреј Цветановски;
- „Ало! Ало!“ – Режија: Синиша Евтимов; Според Џереми Лојд и Дејвид Крофт;
- “Демнејќи го Годо” – Автор: Драго Јанчар; Режија: Сибел Абдиу;
- “Череп во Конемара” – Автор: Мартин Мекдона; Режија: Јане Спасиќ;
- “Пар распар” – Автор: Нил Сајмон; Режија: Нина Николиќ
- “Тарзан” – Автор: Рок Вилчник; Режија: Александар Јовановски
Статистика
Според статистиката Театар Комедија е најпосетуван театар во Македонија по изиграна претстава, односно, изразено во бројки, Театар Комедија бележи пораст како во бројот на одиграни престави така и во бројот на посетители, и тоа:
- во 2012 г. се одиграни 48 претстави со 11.537 посетители
- во 2013 г. се одиграни 69 претстави со 19.823 посетители
- во 2014 г. се одиграни 100 претстави со 33.833 посетители
- во 2015 г. се одиграни 113 претстави со 30.305 посетители
- во 2016 г. се одиграни 120 претстави со 36.204 посетители
- во 2017 г. се одиграни 126 претстави со 33.816 посетители
- во 2018 г. се одиграни 139 претстави со 38.529 посетители
- во 2019 г. се одиграни 179 претстави со 46.609 посетители
- во 2020 г. се одиграни 28 претстави со 7.636 посетители
- во 2021 г. се одиграни 44 претстави со 4.345 посетители
- во 2022 г. се одиграни 102 претстави со 20.197 посетители
- во 2023 г. се одиграни 109 претстави со 27.905 посетители
- во 2024 г. се одиграни 113 претстави
Раководство од почетоците до денес
- Од основањето до јули 2017 година Директор на Театар Комедија е Јелена Жугиќ.
- Од јули 2017 година за В.Д. Директор на Театар Комедија е Мирјана Поповска–Ристов.
- Од ноември 2017 година за В.Д. Директор на Театар Комедија е Сашо Ристовски, потоа функцијата директор ја извршува до февруари 2021 година.
- Од февруари 2021 година за В.Д. Директор на Театар Комедија е Нора Шаќири Марковиќ.
- Од ноември 2021 година, В.Д. Директор на Театар Комедија е Магдалена Ризова Черних.
- Од 14-ти јануари 2022 година В.Д. Директор на Театар Комедија е Дарко Спасов.
- Од 20-ти август 2022 година Директор на Театар Комедија е Дарко Спасов