Репертоар
Репертоар

За избраниот датум нема претстава.

Новости

ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА

„ГОЛА МЕСЕЧИНА“ 2018  (18 до 24 јуни )

 

18.06.2018 „Једваносимсобоакаломистобо“ од Нејра Бабиќ и Алеш Курт, режија: Алеш Курт - Сараевски воен театар (САРТР), Босна и Херцеговина

19.06.2018 „Синиот Портокал“ од Џо Пенхол, режија: Александар Ивановски – Театар Џинот Велес

20.06.2018 „Госпоѓа Министерка“ од Бранислав Нушиќ, режија: Душан Јовановиќ – Народен театар Ниш, Србија

21.06.2018 „Умри машки“  од Алдо Николај, режија: Коле Ангеловски  –  Народен Театар – Штип

22.06.2018 „Кидај из моје кухиње“ од Реј и Мајкл Куни, режија: Андреа Ада Лазиќ –  Шабачки театар, Србија

23.06.2018 „Дванаесеттата ноќ – спроти Водици“ од Вилијам Шекспир, режија: Дејан Дамјановски – Народен театар „Антон Панов“, Струмица

24.06.2018 „Тоби“, во режија и адаптација на Драгослав Тодоровиќ – Театар за деца и младинци, Скопје и стендап комедија со Марјан Ѓорѓиевски (во чест на наградените).

ВИДЕО

 

Меѓународното жири на 5. Интернационален фестивал на комедијата  „Гола месечина“ 2018, што се одржа од 18 до 24 јуни, во состав Иван Лео Лемо (претседател на жирито), Магдалена Ризова Черних (член) и Љупчо Петрушевски (член), по проследувањето на шесте претстави (три од Македонија и три од регионот) ги додели наградите со следново образложение:

 

ГРАН ПРИ

 

Жирито едногласно одлучи да ја додели наградата гран при на претставата „ЈЕДВАНОСИМСОБОАКАЛОМИСТОБО“, поради исклучителната воедначеност на сите елементи на инсценацијата. Во оваа авторска, постдрамска претстава драматургот, режисерот и актерите низ призмата на своето интимно битие ја провлекуваат општествено-политичката актуелност и говорат за болните точки на транзицијата, позната за сите нас. Станува збор за сатира која ги користи своите текстуални и кореодрамски острици за да проговори за идентитетските симптоми и да се обиде да пронајде лек за нихилизмот и апатијата преку заедничка игра, искреност и емпатија кон публиката.

 

 РЕЖИЈА

 

Режисерот Алеш Курт со својот препознатлив авторски ракопис виртуозно ги поврзал сите елементи на ова комплексно сценско дело и на актерите им обезбедил можност во таа голема претстава да ги остварат и своите мали претстави. Во мултижанровската авторска симфонија режисерот Курт беше диригент на кого секој инструмент на инсценацијата квантитативно и квалитативно му придонесува за чувството на хармонија и смисла.

 

 

МАШКА УЛОГА

 

Актерот Фаик Мефаиловски во претставата „Синиот портокал“ обликувал комплексен карактер на шизофреничар низ чии психофизички симптоми се пробиваат интелигенција и одважност. Со изразена смисла за детали и без ниеден момент на губење на концентрацијата суверено се движеше низ приказната. Ретки се ваквите клиничко студиозни улоги и секогаш нѐ потсетуваат на тоа колку моќен медиум може да биде актерската игра. Дури и во непредвидените околности на изведбата, Фаик Мефаиловски реагираше „од ликот“ и ја докажа својата длабока посветеност на квалитетот на изведбата и неверојатниот талент.

 

 

ЖЕНСКА УЛОГА

 

Блазе на ансамблот кој во своите редови има актерка достојна за насловната улога во ова ремек-дело на Бранислав Нушиќ. Сања Крстовиќ со право го зазема тоа место. Со суверена игра го водеше ансамблот и се погрижи за тоа овој величествен лик да ја допре публиката. Таа е „министерка“ на новото време. Се надоврзува на колешките кои досега успешно ја играле оваа улога, но во соработка со режисерот ја носи и чекор понатаму. Вербално умешна, со прекрасни нијанси на иронија и автоиронија обликуваше улога во која како во огледало можевме да ги видиме и своите малограѓански и медиокритетски симптоми. Достојно, имагинативно и мошне духовито го воведе Нушиќ во 21 век.

 

 

СПОРЕДНА УЛОГА

 

Актерката Анета Томашевиќ со минималистички постапки го обликувала карактерот на Госпоѓа Потер и во актерски воедначената и прецизно изрежирана претстава („Кидај из моје кухиње“) успеа да се истакне и да биде прва меѓу еднаквите. Со актерски слух, искуство и талент вешто се движеше низ комедијата на ситуации и комедијата на забуни и како лик беше духовит „камен за сопнување“ на протагонистите. Преку својата споредна улога ги манифестираше најпрефинетите нијанси на актерскиот занает и покажа фасцинирачка прецизност на секоја поединечна постапка.

  

МЛАД АКТЕР

 

Актерот Давор Сабо во воедначената колективна игра во претставата „ЈЕДВАНОСИМСОБОАКАЛОМИСТОБО“ успеа за нијанса да се истакне од разиграните колеги. На жирито му остави посебен впечаток со неговиот перформанс на тема „Златан Ибрахимовиќ“. Со слух за гег, со точна мерка за комуникација со публиката и со смисла за актерска колегијалност, Давор Сабо ги освои симпатиите на публиката.

 

 

МЛАД АКТЕР

 

Ова е комедија која не е лесно да се игра. Ефтим Трајчов Ѓаурски е млад актер, но со доволно искуство да се соочи со тој предизвик. Направил фино нијансирање на улогата на човек доведен до лудило од влијанието на фатална жена. Духовито и прецизно го опиша декрешендото на својот лик од безгрижен преведувач до жител на болница, затвор и лудница. Го одржуваше темпото на играта и прецизно ѝ пласираше на публиката вербални гегови. Публиката го препозна тоа и со напливи на смеа ја наградуваше претставата. Како и за секој млад актер, се надеваме дека оваа награда ќе му биде поттик и понатаму да ги обликува своите ликови професионално и посветено.

 

 

КОСТИМОГРАФИЈА

Доајенот на македонската костимографија, Елена Дончева, го манифестираше целиот раскош на своето големо искуство и талент. Таа е заслужна за тоа што оваа претстава се истакна со својата ликовност. Костимографски го парафразираше духот на ренесансата и инвентивно нѐ внесе во Шекспировиот заплет. Вистинска штета е тоа што на сцените сѐ поретко може да се видат вака детално доработени стилски костими, така што и за публиката и за жирито, искуството на уживање во овие костими беше вистински театарски деликатес. Благодарност до госпоѓата Елена Дончева за оваа костимографија со желба за уште долго време да нѐ инспирира со својата креативност.