Репертоар
Репертоар

За избраниот датум нема претстава.

Новости

ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА

ПРОДУКТИВНО АКТЕРСКО ТРИО

(„Мечка“ од А. П. Чехов; адаптација и режија: Димче Николовски; продукција: Театар Комедија; премиера: 8 октомври 2017 г.)

Режисерот Димче Николовски со својата екипа соработници преку сцената на Театар Комедија понудува една навистина интересна постановка на едночинката „Мечка“ од Чехов.

Она што веднаш паѓа в очи е тоа дека станува збор за претстава со цврста структура и комплетна во секој поглед, односно во секој сегмент на театарскиот чин. За оваа своја постановка режисерот Николовски врши и извесна адаптација на текстот, а како највпечатлива е онаа со репетитивноста на клучни и пресвртни моменти и реплики од текстот, соодветно сценски организирани и ефектно употребени. Режијата на Николовски, пред сè, се чита како разложен и аналитички приод во сценската постановка на оваа често играна едночинка и неговата инвентивност во откривањето на скриените валери на делото и на ликовите, создавајќи на тој начин една забавна и разиграна комедија, која се следи во еден здив. Впрочем, така се одвива и дејството.

Својата сценска приказна тој ја започнува со фронталното претставување на агирачките ликови на авансцената, односно пред завесата. Ова претставување за секој лик е зачинето со различна музичка поддршка во насока да се доловат нивните карактери. Музиката воопшто е еден од веќе споменатите елементи кои одлично го следат режискиот концепт, а нејзин автор е Димитар Андоновски.

Втор сегмент кој заслужува посебно внимание е сценографијата на Сергеј Светозарев и Милан Несторов. Тие сцената ја обликуваат како „салон“ од железни конструкции наместо ѕидови од кулиси, така што првата асоцијација е дека тоа е затворот за вдовицата Попова. Оваа сценографска рамка е и функционална како за атмосферата во претставата така и за играта на актерите, а особено за актерот што го толкува ликот на Смирнов. Значи, во секој случај, станува збор за необично и несекојдневно сценографско решение кое силно придонесува за претставата во целина. За одбележување е и костимографијата на Марта Дојчиновска, која е вообичаена и очекувана со тоа што во костимирањето на ликовите, особено на Смирнов, таа внесува и некои детали во насока на потенцирање на неговите карактерни особини.

Она што никако не смее да се пренебрегне во ова сценско остварување е секако извонредниот дизајн на светло од страна на Александар Атанасовски. Следејќи го режисерскиот концепт, тој понудува потенки или подебели слоеви мрак, или ако повеќе сакате, провидно или помалку провидно светло. Ова е особено важно за режиската метафора, кога на ликовите ќе им падне „мрак на очи“, па во полумрак ќе се разгори нивната сексуална фантазија и нивните страсти ќе започнат да танцуваат на сцената во разни љубовни пози. Тоа е таа досетка во која репликите се повторуваат со менување на интензитеот и интонацијата, ама уште пред да се случи пресвртот во комедијата, тој на овој начин е извонредно навестен. Во режиската постановка на Димче Николовски „Мечка“ се претвора во претстава која не е само обична делнична комедија туку е и приказна за женската превртливост и заводливост и за машката наивност и недоделканост.

Сепак, главен адут на оваа едночасовна комедија е актерската игра. Во претставата се ангажирани тројца актери кои без сомнение одлично ја завршуваат својата сценска задача.  Ова актерско трио е предводено од Жарко Димоски, кој е извонредна подела за ликот на заемодавачот Смирнов кој доаѓа да го наплати својот долг, за на крајот да падне, но не на земја – туку во прегратките на вдовицата. Димоски манифестира актерска супериорност во толкувањето на овој лик надградувајќи го со својата актерска еруптивност, експлозивност, а на моменти и екстатичност, кога просто не може да се воздржи па дури и се качува по самата железна конструкција. Но, неговата невротичност друг пат се смирува и тој на свој начин се разнежнува и полека се предава на фаталните љубовни чувства кон вдовицата Попова. Ликот на Попова, пак, го толкува Жаклина Петровска во манир на префригана жена која полека но сигурно го освојува просторот, но и дрскиот заемодавач кој, на крајот на краиштата, ќе биде нејзин лесен плен. Својата игра Петровска ја спроведува суптилно и шармантно и со изворедна дозираност во изразот и исказот. На крај, тука е и Илија Илиоски во улогата на слугата Лука кој, исто така, успешно парира креирајќи лик на добар човек загрижен за судбината на својата господарка и пресреќен што „тешката“ расправија ќе заврши со хепиенд.

Режиски овој хепиенд го вади на сцената и останатиот персонал во претставата, а тоа, се разбира, е покана за вклучување во перформансот на забава и на самата публика!

 

ТОДОР КУЗМАНОВ

РАДИО СКОПЈЕ – КУЛТУРЕН МОЗАИК

март 2018 г.