Репертоар
Репертоар

За избраниот датум нема претстава.

Новости

ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА

ВИРТУОЗНА АКТЕРСКА СИМУЛТАНКА

(„Не сега драга“ од Реј Куни; режија, Коле Ангеловски; продукција, Театар Комедија; премиера, март 2018 г.)

Својот шести роденден, а воено и Светскиот ден на театарот, Театарот Комедија го прослави со нова премиерна изведба, имено со водвиљот „Не сега драга“ од современиот англиски автор и актер, Реј Куни. И овој, како и неговиот, исто така, особено познат и игран текст „Љубовник од голем стил“ се создадени по угледот на водвиљите на Жорж Фејдо. Значи, станува збор за т.н. булеварски или уличен театар. Ликовите се обични луѓе, позајмени  од секојдневниот живот во функција да бидат предочени пред публиката со сите свои мани и слабости, но кои во суштина се бенигни и не толку опасни по околината. Уште и кога се знае дека основната функција на ваквите писанија е да забават и насмеат и барем за миг да овозможат да се заборави и да се потисне тегобата и секојдневните стресови, тогаш, тие се на најдобар пат со симпатии да бидат примени од аудиториумот на кој му се обраќаат. Оваа постановка на доајенот на македонскиот театар, и со посебен афинитет и со долгогодишно искуство токму во жанрот на комедија, Коле Ангеловски е токму тоа. Претстава која забавува и во која разиграноста на актерскиот ансамбл се прелева преку рампата во гледалиштето и предизвикува салви од смеа и апалузи. Го одбележуваме и малиот куриозитет, дека токму режисерот Ангеловски со постановката на неговиот авторски проект „Ах, љубов моја“ пред шест години ја означи работата на театарот Комедија! Значи, по шест години тој се враќа, но не на местото на злосторството, туку во храмот на комедијата и театарската забава.

Концептот на режисерот Ангеловски  е на линијата на неговите досегашни остварувања насочен кон тоа да ги обезбеди сите услови за брза и динамична претстава која ќе се одигрува во еден здив. Тоа е темпо на кое не треба долго да се чека, затоа што бркотниците, трескањето од земи и врескањето до небо, започнуваат уште на самиот почеток. За водвиљот карактеристични се комичните ситуации предизвикани од преправањето, заблудите и забуните кои овде навистина ги има во големи количества. Да кажеме и тоа дека, слично како и во првата постановка на „Не сега драга“ на сцената на Драмскиот театар од пред триесетина години, и овде амбиентот и атмосферата во претставата добиваат апсолутно локален колорит. Тоа е видливо како во имињата на ликовите, така и во нивната националност. Имено сите ликови се од ова милје, а така драматуршки подредени што се доживуваат како исечок од нашата стварност. Овде режисерот ја има подршката од драматургот Дарко Јан Спасов. Овие интервенции, како и допишаните реплики, навистина го телепортираат дејството на водвиљот во нашата средина. Но, паѓа в очи, дека присуството на ликови како што се Албанец, Грк, Бугарка, (недостасуваше само уште преставник од Ромската заедница), потсетува по малку на некогашниот „Женски оркестар“ од драматургот, Сашо Насев и режисерот, Димитар Станковски. И толку. Се друго е ново и значајно збогатување на репертоарот на театарот Комедија со уште едно урнебесно сценско остварување.

 

Сценограф на претставата е Илина Ангеловска, инаку чест соработник на режисерот Ангеловски. Таа со својата работа создава оптимални услови за сценското дејство, а притоа, просторот да биде полигон во функција на жестокото и динамично темпо на актерската игра. Со помош на сценската ротација осмислени се две места. Едното е рецепцијата на хотелот „Македонија“, а другото се двата соседни апартмани кои се само условно подвоени и во кои дејството тече паралелно и наизменично... Костимографот Раде Василев, исто така, успешно ги облекува, но и ги свлекува протагонистите во колоритни бои и долна облека која буди различни асоцијации со еротска конотација. И сценографијата и костимографијата заедно оставаат впечаток на солидна ако не и раскошна  опременост на претставата.

Инаку, сижето на водвиљот  сублимирано кажано е доаѓањето на пратеникот Јоце Коцев од Куманово на состанок во Собранието при што како и редовно одседнува во хотелот каде има закажано уште еден состанок, но овој пат со неговата љубовница, а имено, секретарката на претседателот. Плановите и проекциите за престојот ги расипува фактот што овој пат со него доаѓа и неговата сопруга, Кристина. Столбот на претставата го чинат актерите Атанас Атанасовски во ролјата на пратеникот Коцев и неговиот помлад соработник, Ѓоре Пиже во актерска креација на Валентин Костадиновски. Станува збор за веќе уигран и искусен актерски пар, односно тандем кои одлично се разбираат и се дополнуваат меѓу себе. Атанасовски, одлично реализира бројни пресврти и претумбации во обидот да ги оствари своите намери во невозможни услови.

Во неблагодарната ролја на неговиот помошник Ѓоре Пиже, Костадиновски пак има уште повеќе трансформации, а посебно остава впечаток онаа кога во само еден миг од Ѓоре Пиже станува Јован Канео и обратно. Во ролјата на жената на пратеникот од Куманово, Кристина, настапува Жаклина Петровска, која не се воздржува да ја манифестира својата еротска глад и жед за нови возбудувања и врски, па било тоа и со собранискиот помошник на нејзиниот сопруг. Љубовницата на куманоцскиот пратеник, Галаба ја толкува Ева Скендеровска, исто така моќна и сугестивна во своите преправања, фолирања и флертувања. Кристина Ласовска настапува во ролјите на Рецепционерката и Собарката, Жарко Димоски го игра ликот на Директорот на хотелот, а бугарската европратеничка, Тања Мицков. Оваа галерија на ликови е дополнет и со ликот на келнерот Адем Фона во интерпретација на Едмонд Сотир. Директорот на хотелот е Грк, а келнерот, Албанец. Во ова странско трио е и европратеничката, Донева. Актерите, Димоски, Сотир и Мицков, со јазични еквилибристики, нo и со телесната експресија создаваат интересни епизодни, но ефектни актерски партии.И најпосле тука е и Никола, сопругот на секретарката прељубничка кој го толкува Дарко Вељиќ. Вељиќ е контраст во однос на сите останати ролји затоа што тој има различен пристап во графењето на ликот. Смирен, но сепак виртуозен, тој понудува навистина убав и прифатлив лик занесен во својата професија. Фасцинантен е во улогата на актер кој го позајмува својот глас на ликовите од турските серии...

Во целина земено актерскиот ансамбл се втурнува во беспоштедна актерска игра. Тие едноставно согоруваат на сцената и ја „бомбардираат“ публиката со своите актерски бравурозности измамувајќи аплаузи на отворена сцена.

Тодор Кузманов