Репертоар
Репертоар

За избраниот датум нема претстава.

Новости

ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
ПРЕТСТАВАТА ДОНИ ДАРК – НАГРАДЕНА СО НОВИ ДВЕ НАГРАДИ ВО БАЊА ЛУКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
НУ ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА САРА НАСТЕСКА
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
МЛАД ТЕАТАР СО ГОЛЕМА ДУША
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА
УШТЕ ЕДНА ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ЗА ПРЕТСТАВАТА „ДОНИ ДАРК“ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА

БЛЕСКАВА СЦЕНСКА РЕАЛИЗАЦИЈА

 

„Дони Дарк“ (неколкумина автори); драматизација и адаптација: Роберт Ристов и Дарко Спасов; режија: Роберт Ристов; продукција: Театар Комедија; премиера: септември, 2017 г.)

Постановката на „Дони Дарк“, работена според повеќемина современи драмски автори од САД, е магистерски труд по режија на Роберт Ристов на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА – Скопје. Базирајќи се на своето претходно богато искуство во работата со ранливи групи, Роберт Ристов, во соработка со драматургот Дарко Спасов, најпрвин ја создава драмската предлошка на претставата, која ќе прозвучи топло и трогателно. Со избалансиран режиски ракопис тој понудува едно сценско остварување кое делува конзинстентно и особено сугестивно. Во претставата е видлив неговиот напор да ги опфати негативностите во општеството кон лицата со хендикеп, но овој потфат на режисерот Ристов ги избегнува замките на патетичност или мелодраматичност 

кои се податливи во разработката на споменатата тема. Сè во претставата има реалистичен манир, но преку режисерските решенија низ едноставен хумор тој заедно со изведувачкиот тим постигнува таа да биде забавна и занимлива.

Иако претставата се игра на мала сцена, таа е изненадувачки преполна до декор и реквизити, за непосредно потем да се покаже намерноста на таквото решение, односно главниот лик, слепото момче, има огромни предизвици да се снајде во таквиот простор. Сценографијата во претставата е на Инес Петрова–Бошкоска. Костимите се креација на Елена Лука. Тие се современи, едноставни, но и показателни за карактерните особености на ликовите. Музиката во претставата е на Гаро Тавитјан, а во квалитетните моменти на претставата го вбројуваме и присуството на виолончелистот Дејан Цветковски. Но, мора да се подвлече дека ова присуство е дискретно и ненаметливо.

Инаку, претставата зборува за слепото момче Дони Дарк во моментот кога ги прави обидите за сопственото осамостојување, односно да се одвои од сопствената мајка и нејзината грижа која за него веќе се претвора во своевиден јарем. Во новата средина тој ќе се запознае со ултрасензитивната девојка Џил Бенсон, а по низа перипетии ова познанство ќе заврши со љубов.

Ликот на Дони Дарк го толкува Даријан Петров, студент по актерска игра на трета година во класата на професорот Мето Јовановски. Ова негово деби на професионалната театарска сцена е повеќе од успешно. Тој понудува една креација која е чиста, ненаметлива и сугестивна. Петров е особено креативен во приказот на својата внатрешна борба со сопствениот хендикеп и со околината сенчајќи ги своите односи со разните ликови, а во прв ред со сопствената мајка и со Џил. Ликот на девојката Џил Бенсон, во креација на Мирјана Поповска–Ристов е една, како што веќе споменавме, ултрасензитивна личност, па речиси би можело да се каже и на работ на невротичност. Таа е пргава и зборлеста, или едноставно – дрдорка која во претходниот брак издржала само шест дена. Всушност, фактот што таа постојано зборува се чита како обид да ги скрие своите слабости, меѓу кои доминантна е неможноста да сака и да биде сакана.Мајката на Дони Дарк, госпоѓа Бејкер, ја толкува Магдалена Ризова–Черних.

Во нејзината креација со актерска одмереност се гради ликот на жената која од преголема љубов и сомилост кон својот син почнува да предизвикува спротивни ефекти, постојано потенцирајќи ја неговата хендикепираност. Во развојната линија на овој лик, таа, но и целата сценска ситуација, ќе кулминира кога наместо да го земе со себе – ќе си замине таа. Во актерскиот квартет на ова камерно но симпатично театарско остварување партиципира и актерот Сашо Ристовски во улогата на филмскиот режисер Ралф Остин. Супериорен, надмен и бескрупулозен е дефиницијата на овој лик во креација на Ристовски според владеачките стереотипи за наведениот профил.

Во еден момент кога ќе заминат мајката Бејкер, девојката Џил Бенсон и филмскиот продуцент Ралф Остин, Дони Дарк ќе биде соочен со можеби уште еден безуспешен обид да се пронајде себеси во светот на поинаквите. Но, тогаш настанува пресврт, Џил се враќа и сфаќајќи дека вистинскиот избор за неа е токму слепото момче, тие си паѓаат во прегратки. Крај.

Пораката на оваа претстава на режисерот Роберт Ристов и изведувачкиот креативен тим, секако, би можела да биде репликата од „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери: „Најважните работи се гледаат со срцето, не со очите!“

 

ТОДОР КУЗМАНОВ

РАДИО СКОПЈЕ – КУЛТУРЕН МОЗАИК

МАРТ 2018 г.