Мизантроп

(по текст на Ж. Б. П. Молиер)

Режија: Ана Вукотиќ 

Драматургија: Дарко Спасов

Костимографија: Лина Лековиќ

Сценографија: Јелена Томашевиќ

Музика: Александар Радунович – Попај

Кореографија: Соња Вукучевиќ

 

УЛОГИ:

АЛСЕСТ – Атанас Атанасовски

ФИЛИНТ  – Александар Михајловски

ОРОНТ – Столе Мицов

СЕЛИМЕНА – Мими Ристов

ЕЛИЈАНТА – Магдалена Ризова Черних

АРСИНОЈА – Жаклина Петровска

АКАСТ – Илија Илиоски

КЛИТАНДР – Жарко Димоски

БАСК – Виктор Арсов

ДИ БОА – Ердоан Максут

 

Премиера: 19 јули 2018 (на фестивалот „Охридско лето“)

Оваа сериозна комедија  е поглед во човековата душа на современиците од периодот кога била пишувана во 17 век, но e и магнетна резонанца на нашето време.

Патувањето со нас е како гледање во играта на сенката. Ако се вели дека првата линија била линијата на сенката, нашиот мизантроп подвлекува линија и го поставува онтолошкото прашање: кој е побезбедниот пат – дали умерената лага или ноторната вистина. Во кој од овие два избора демне спасот, и постои ли воопшто вистинска вистина. Дали еуфемизмите на современиот ултра хипер орто и онто човек ќе ја сменат линијата на неговата сенка ако наместо слатки лаги почне да (рас)кажува за нештата какви што се навистина. Но внимателно со иднината, сенката на современиот човек кој пат и да го фати, бездруго, ќе допре до портите на пеколот.

Ова е и драматуршка потрага по тоа кој е човекомразецот во пиесата – Алсест или Оронт, или можеби Селимена, Арсиноја…? Алсест и Филинт, Арсиноја и Селимена, и сите ликови во оваа трагикомедија се драматуршки биполарни, расцепени помеѓу стравот и страста, разумот и срцето. Понекогаш овие борби и ова биполарно растројство знаат да бидат смешни, забавни. А можеби во тоа се состои и лекот и спасот. Смеата! Макар и горчлива, таа ќе нè спаси.

Дарко Јан Спасов, драматург