Олд Сејбрук
Музички Продуцент: Давор Јордановски
„Олд Сејбрук“ е ко-продукција помеѓу Перипетија продукција и Театар Kомедија, како дел од проектот ПРОСПЕР. Проектот е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, како и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
„Олд Сејбрук“
Летниковец покрај езеро во Конектикат, мирно попладне – две сестри и нивните сопрузи прават скара, кога – одненадеж – на врата им се појавуваат поранешните сопственици на куќата. Една навидум безначајна средба во Олд Сејбрук ќе ги соочи овие три пара со тајните кои ги кријат со години и со емотивните прашања од кои упорно се обидуваат да побегнат.
Тргнувајќи од една едноставна ситуација, американскиот сценарист и режисер Вуди Ален, во својата едночинка Олд Сејбрук, ги преиспитува темите на верност и сладострастност, брачните кризи и неверството. Во малку чеховски манир, но низ забавни и неочекувани пресврти и остар динамичен дијалог, карактеристични за Аленовото перо, се разоткриваат деликатни љубовни односи и се отвораат прашања за простувањето и за новите почетоци.
Доколку е вистинита тезата дека секој писател цел живот пишува една иста приказна, тогаш во случајот на Вуди Ален тоа би била комедија за егзистенцијалните и емотивните кризи, сексуалните искушенија и хаосот на романтичните врски. И покрај тоа што споменативе теми Ален ги истражува фокусирајќи се на едно конкретно милје (њујоршката интелектуална средна класа), вештината со која ги анализира човечките односи ги прави ликовите и нивните приказни универзални и надалеку препознатливи. Кога е во прашање нашата претстава, врската со локалниот контекст е назначена преку мотивот на езерото покрај кое летуваат ликовите од драмата.
Претставата Олд Сејбрук, која е дел од меѓународниот проект ПРОСПЕР и е инспирирана од уметничката резиденција одржана во Охрид, го отвора прашањето за односот на поединецот кон природата. Двата пара елегантни њујорчани оддаваат впечаток на совршенство и складност, но под таа фасада, под површината, ќе откриеме низа потиснати и скриени тајни, мани и фрустрации. И токму како и Аленовите ликови, езерото во оваа претстава само на прв поглед ги отелотворува мирот и идилата на чистата и недопрена природа, додека во реалноста тоа е девастирано од страна на човекот, кој континуирано ја уништува животната средина заради масовен туризам и профит.
Тамара Барачков