Јан Кот (1914-2001)
ПОЛНОЛЕТНАТА ИВОНА
(фрагменти од есејот објавен во 1957 година; преземен од книгата „Кафезот ја бара птичката“; Градина, Ниш, 1983.)
Гомбровичевата Ивона има нешто од оние лакоми, а кратки пиеси што се пишуваат на школо, во текот на часовите, скришно, зад грбот на другарите. Тие се, најчесто, гротескни и карикатурални пиеси кои би да се пресметаат со наставниците, да се пошегуваат со помладите браќа и постарите сестри, да ги исмејуваат литературата и историјата што ја учат; во основа, таквите пиеси милуваат радикално да се пресметуваат со целиот свет кои го познаваат, а реално го познаваат само светот на своите наставници и родители, на своите браќа и сестри, на историјата и на литературата што ги учат на часовите. Неколкупати се има случено ваквите кратки пиеси да ги изнапишат и некои генијални момченца. Така бил напишан и бесмртниот Крал Иби на Алфред Жари. Кој требало да биде и да остане само гимназиска лакрдија, страотна сатира за глупавите даскали и за часовите по историја. Доволно е, нели, даскалите да се преоблечат во кралеви и да одиграат некоја од класичните историски анегдоти, та глупоста монструозно да прерасне во гротескна спротивност меѓу човекот и улогата која тој треба да ја одигра.
Се разбира, Гомбровичевата Ивона е изнапишана со рака и со перо на веќе свесен писател, ама во неа – сепак – останало и она нешто од училишниот реваншизам, од школските опсесии и од ученичките палавости. Впрочем, не само во Ивона, интегралниот опус на Гомбрович многупати се реферира на школски опсесии. И двата термини кои веќе преминале во говорниот полски јазик, дури и станале речиси филозофски поими: „натрти“ и „да ги прчат рилките“ – директно се преземени од училишното арго.
(…)
Во Ивона има многу од Гомбровичевата психоманија. Ивона е анемична и сета стуткана, не учествува, молчи, се повлекува од секоја акција. Ама – сепак – таа е тука. Нејзиното присуство, дури и нејзиното голо постоење, е предизвик. Сите ги тера да се занимаваат со неа, ги провоцира да ѝ се потсмеваат или да се сожалуваат на неа; ама, сите конвенционални чувства, гестови, ситуации… стануваат глупави заради нејзиното одбивање да учествува во нив. Нејзината пасивност неизбежно ги иритира сите, ги наведува да агираат сѐ поглупаво. Најпосле, мораат и на себе да гледаат со нејзините очи…
Таа Ивона сите ги натртува, секој чувствува дека му расте некоја грозна муцка. Само смртта, нејзината, може да ги ослободи од тој кошмар. А за да ја убијат неа, ќе мора сите пак да ги напрчат соодветните муцки, да се измолкнат од стереотипот на договорноста, да создадат услови за убиство. (…) За да ја убијат Ивона, тие треба да се престорат во Хамлет или во Леди Макбет. Да станат патетични. Една од најблескавите идеи на Гомбрович е сцената во која кралицата, за да се осмели да ја отруе Ивона, си ја куби косата и лицето си го мачка со мастило. Влегува во улогата на Шекспир, влетува во класичната шема – и литературна, ама и училишна!
Многу се вакви психолошки моменти во Ивона. Таа, несомнено, „потекнува“ од Кралот Иби, ама нејзината филозофска проблематика е не само позрела туку и неспоредливо посовремена. На својата праизведба Ивона чекаше цели дваесет години, за да стане полнолетна. А притоа не „застарела“, туку – просто – станала појасна. Имено, ова наше време како да нѐ подучи да станеме почувствителни кон ваков тип интелектуална гротеска и перверзна мадрост.
(редакција и превод од српски јазик: Јелена Лужина)
